Дежурен број: 078 393 757
032 / 393-757

Породување со царски рез

Основни факти за породување со Царски рез

Што ќе ви се случува во операционата сала во текот на царскиот рез? Што ќе видите, слушнете и почувствувате? За колку време ќе се роди вашето дете и кога ќе можете да го видите? Колку време ќе поминете во операционата сала и што следува после тоа? Ова се само дел од прашањата, кои си ги поставувате.

Добредојдовте во операционата сала!

Кога од некоја причина од страна на плодот или мајката раѓањето не може да се заврши успешно по нормален пат, се прави царски рез. Царскиот рез подразбира породување на плодот низ инцизија, направена на предниот абдоминален ѕид на мајката (лапаротомија) и инцизија низ ѕидот на матката (хистеротомија). Царскиот рез може да биде планиран (елективен) или итен – во случај на настанат проблем во тек на спонтаното породување. Планираниот царски рез вообичаено се прави 7-10 дена пред веројатниот термин за породување. При повеќеплодова бременост или при други медицински индикации, царскиот рез може да се закаже и порано.

На денот на операцијата ќе ви биде направена предоперативна подготовка која вклучува:

  • Тоалета;
  • Ставање клизма;
  • Облекување на болничка пижама;
  • Поставување на интравенска линија;
  • Поставување на уринарен катетер;
  • Ставање на анестезија;
  • Подготовка на оперативното поле.

При царски рез, бебето се раѓа околу 5-10 минути од почетокот на операцијата. Истиот се изведува од операторот внимателно и на начин, кој до одреден степен го имитира поминувањето на бебето низ природниот родилен канал. Вие нема да почувствувате болка, но може да почувствувате влечење или притисок при излегувањето на бебето.

Специјализираната болница за гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“ располага со операциони сали, опремени со врвна апаратура со главна цел – постигнување на максимална безбедност за нашите пациентки и за новороденчињата. По породувањето со царски рез, ќе бидете сместени во Одделот за интензивен надзор (6 до 24 часа по проценка на анестезиологот), кој исто така е опремен со врвна апаратура за интензивен мониторинг на пациентките. По завршувањето на оваа фаза, ќе бидете сместени во една од вип – собите на одделение.

Времетраењето на престојот во болница зависи од начинот на породување. Пациентките породени спонтано, вообичаено престојуваат 3 дена, а породените со царски рез – 5 дена.

Документи кои е неопходно да ги земете со вас пред доаѓање во болницата за породување:

  • Испитување за крвна група и Рх фактор- оригинален документ со потпис и печат од трансфузиолог;
  • Вирусологија (Хепатит Б, Хепатит Ц, ХИВ) – оригинален документ со потпис и печат од лабораторијата каде сте го правеле испитувањето. Ве молиме обратете внимание на нивната важност – 6 месеца!;
  • Документи од иследувања правени во текот на бременоста;
  • Документи за пропратни заболувања (ако имате).