За време на бременоста се препорачува да се направат најмалку три ултразвучни прегледи, со кои се следи правилниот раст и развој на плодот, се утврдува точната старост на бременоста и навреме се откриваат аномалии на плодот.
Еден од моментите што се паметат цел живот е првата слика на нероденото бебе во мајчината утроба. Со ултразвучниот преглед, идните родители може да го видат своето бебе, неговото лице, како ја отвора устата и како ги движи рацете и нозете. Со ултразвучните прегледи се следи правилниот раст и развој на плодот, се утврдува точната старост на бременоста и навреме се откриваат аномалии на плодот.
Најсовремените ултразвучни апарати овозможуват откривање на аномалии на плодот многу порано и посигурно од досега. Ултразвучните прегледи не се штетни ниту за бремената, ниту за плодот кој се развива. Ултразвучните бранови немаат јонизирачко дејство, кумулативен ефект и делуваат само во моментот на прегледот. Затоа поради едноставноста, безопасноста и високите дијагностички можности ултразвукот има голема примена во медицината, а особено во акушерството и гинекологијата.
Прегледот може да се направи со вагинална сонда преку вагината и со абдоминална сонда преку предниот стомачен ѕид. Првиот преглед се прави со вагинална сонда до 13.6 гестациски недели од бременоста. Со овој преглед се потврдува дека бременоста се наоѓа во матката, дали плодот е жив и дали тој одговара по големина со првиот ден од последната редовна менструација. Особено е важно да се исклучат ултразвучните знаци за хромозомски аномалии.
Најважна дијагностичка вредност има абнормалното собирање на течност во поткожното ткиво позади вратот на плодот како последица од нарушена лимфна циркулација. Овој наод во 50 отсто од случаите зборува за Даунов синдром, кој се јавува кај едно од 700 новороденчиња. Пренаталниот тест е најсовремена пренатална дијагностика за Дaунов Синдром. Преставува неинвазивен пренатален тест за генетски аномалии. Се изолираат клетки од мајчината крв кој содржат ДНА и точноста е над 99.9 %. Пренаталниот тест го одредува и полот на бебето.
Даунов синдром, познат и како трисомија 21, е генетска состојба предизвикана од присуство на дополнителен хромозом 21. Ова влијае на развојот, што доведува до интелектуални и развојни доцнења, карактеристични црти на лицето и често различни медицински состојби.
Вториот преглед се прави со абдоминална сонда преку предниот стомачен ѕид. Најдобро е да се направи во 20. недела од бременоста со 2Д ултразвук. Уште подобро и посигурно е ако може да се комбинира со ехо 5Д, 3D XI во комбинација со доплерски мерења. При оваа старост на бременоста може да се исклучат најголемиот број неправилности и хромозомски аномалии каректеристични за тој временски период. Третиот преглед се прави исто преку предниот стомачен ѕид со абдоминална сонда, меѓу 30. и 32. недела од бременоста по можност во комбинација со доплерски мерења. На овој начин може да се откријат нарушувања во растот на плодот и да се открие недоволната функција на постелката, што предизвикува недоволно снабдување на плодот со кислород и хранливи материи и застој во растот. Раѓањето дете со помала телесна тежина поради застој на растот во текот на бременоста носи големи ризици.
Затоа е потребен посебен третман на бебиња родени со интраутерини застој во растот. Основни причини за заостанување во развојот на плодот во време на бременоста може да бидат генетски фактори, плод со аномалии во кардиоваскуларниот систем, близначка бременост, интраутерини инфекции, начинот на исхрана на мајката, заболувања на мајката, пушење, алкохол и трудници што имаат отоци по телото и зголемен крвен притисок
5Д со Samsung UGEO WS80A with Elite ултразвучна машина е последно и најсофистицирано технолошко достигнување во областа на медицинската дијагностика.
– Преку 5Д ехото може да се откријат евентуални аномалии на плодот многу порано и посигурно од досега. Се откриваат вродени аномалии во областа на лицето на плодот, како што е расцеп на горната усна. 5Д ултразвучната машина овозможува и приказ на мозокот и внатрешните органи на плодот, слично како при компјутерска томографија и магнетна резонанца. Преку бројните пресеци и понатамошната обработка, се зголемуваат дијагностичките можности и клиничката прецизност, и употребата на колор доплер и пулсен доплер се незаменливи во следењето на хемодинамиските промени во утероплацентарниот крвоток. Со помош на доплерот, пулсниот доплер и доплерските мерења со голема точност и многу рано може да се открие застој во растот и развојот на плодот.
Ултразвучната дијагностика не смее да се прецени бидејќи и во најискусните раце, таа си има свои граници. Затоа постојат дополнителни испитувања како што е хромозомскиот тест и испитувањата на плодовата вода.
– Најчестите дополнителни испитувања по ултразвучниот преглед се хромозомскиот тест (биохемиски скрининг) и испитувања на плодовата вода (амниоцентеза). Биохемискиот скрининг е неинвазивен метод, при што се зема крв од бремената жена и се испитуваат три биохемиски маркери: алфа-фетопротеин, бета-хорио-гонадотропин и естриол во серумот на мајката. Испитувањето на бета-хорио-гонадотропин и алфа-фетопротеин споредено со возраста на мајката може до 65 отсто да исклучи постоење на Даунов синдром. Резултатот од боихемискиот скрининг не е потврда, туку само пресметана веројатност од дадени аномалии и неправилности. Амниоцентезата се прави меѓу 15. и 17. недела од бременоста.
– За разлика од биохемискиот скрининг, амниоцентезата е инвазивен метод при кој со специјална игла се влегува во матката и се вади плодова вода која содржи излуштени клетки од кожата и слузокожата на плодот. Се испитува кариотипот на овие клетки и ако е нормален, бременоста продолжува. Ако се утврдат било какви неправилности, бременоста се прекинува. Ризикот за мајката и плодот од амниоцентезате е помал од 1 отсто. На трудниците постари од 35 години, чиј сопруг е постар од 40 години им се советува претходно да направат хромозомски тест. По добиените резултати, следи амниоцентеза.
Меѓу 9. и 12. недела порано од амниоцентезата од бременоста се прави хорион-биопсија.
– Тоа е инвазивна метода, која се прави на истиот начин како и амниоцентезата. Материјалот кој се зема за испитување се хорионски ресички. Предноста на хорион биопсијата за разлика од амниоцентезата е што резултатите се готови за многу пократко време и ако се утврди одредена неправилност на плодот, прекинувањето на бременоста е многу полесно. Ризикот од оваа интервенција е околу 1 отсто, и идната мајка треба да се придржува на советите и препораките што ќе ги добие од својот матичен гинеколог и редовно да се јавува на закажаните прегледи.